Нова интернет измама преку лажна СМС порака е пријавена во Велес, откако 43-годишна жена останала без 16.592 денари од својата банкарска сметка, верувајќи дека плаќа казна за наводен сообраќаен прекршок.
Како што информираат од СВР Велес, случајот бил пријавен на 7 мај во 16 часот. Според пријавата, два дена претходно жената добила СМС порака во која било наведено дека сторила сообраќаен прекршок и дека треба да плати казна. Во пораката имало и линк до веб-страница со насоки за плаќање, при што било наведено дека доколку постапи веднаш ќе плати само половина од износот.
Откако ги внела податоците од својата банкарска сметка, во неколку наврати добивала известување дека плаќањето е неуспешно. Подоцна забележала дека од сметката ѝ биле повлечени пари. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.



















