Речиси цел Велес без коцкарници? Еве каде новиот закон би ставил клуч на автомат клубовите и казината

Новиот предлог-закон за игрите на среќа, со кој Владата предвидува казината, автомат клубовите и дел од електронските игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, би можел драстично да ја промени мапата на коцкањето во Велес.

Zito baner

На мапата што ја подготвивме, црвените кругови претставуваат радиус од 500 метри од секое основно и средно училиште во градот. Анализата покажува дека со ваков радиус, огромен дел од централното градско подрачје би станал недостапен за работа на објекти за игри на среќа. Во таков случај, голем дел од постојните локации на обложувалници, автомат клубови и казина би се нашле во зона во која повеќе нема да можат да работат според новите законски правила.

Agria

Според предлог-законот, ограничувањата се однесуваат на сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа, а во обложувалниците што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училиштата нема да биде дозволено поставување електронски видео лотариски терминали и друга опрема за електронски игри.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата сака да стави крај на агресивното рекламирање на коцкањето и на сликата градовите да изгледаат како коцкарски центри. Тој најави дека по законот за игрите на среќа, Владата ќе отвори и тема за брзите кредити, посочувајќи дека токму до казината и обложувалниците често се отвораат и канцеларии за брзи заеми.

Мицкоски рече дека анализите на Владата покажале дека дел од граѓаните како причина за напуштање на државата ги наведуваат токму наталожените долгови и финансиски проблеми поврзани со коцкањето и брзите кредити.

Од друга страна, од здружението „Сакам да работам“, кое ги претставува вработените во легалниот сектор за игри на среќа, предупредуваат дека ваквите ограничувања може да предизвикаат затворање на легални објекти, губење работни места и префрлање на дел од коцкањето во сивата зона.

Предлог-законот треба да влезе во собраниска процедура, а доколку биде изгласан, слични ограничувања и промени во распоредот на казината, автомат клубовите и обложувалниците би се почувствувале во речиси сите градови низ Македонија.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: