Нова телефонска измама ја потресе велешката јавност, откако 58-годишна жена од село во општина Градско пријавила дека била измамена за 240.000 денари.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен на 14 мај 2026 година во 14:30 часот во СВР Велес.
Како што е наведено во пријавата, жената добила телефонски повик од лице кое се претставило како лекар од Општата болница во Велес. Измамникот ѝ кажал дека нејзината ќерка наводно се наоѓа во болница со скршеници и дека итно треба да се изврши оперативен зафат, за кој биле потребни пари.
Во паника и страв за состојбата на ќерка ѝ, жената веднаш тргнала кон болницата. Според пријавеното, во дворот на болницата ја пречекало женско лице на кое му ги предала парите.
Дури подоцна сфатила дека станува збор за добро организирана измама.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите.
фото: ВИ илустрација



















