Седумдесет и шестгодишна велешанка се здобила со тешки телесни повреди откако била прегазена од автомобил на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес.
Според информациите од СВР Велес, несреќата се случила на 14 јули околу 9:20 часот, а била пријавена истиот ден. Во пешакот удрило патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Р.И. (41) од селото Горно Јаболчиште, општина Чашка.
Во сообраќајната несреќа тешко е повредена 76-годишната Љ.Н. од Велес. Повредите биле констатирани во Општата болница во Велес, каде што ѝ била укажана лекарска помош.
По овластување на јавен обвинител, увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Велес, а причините за сообраќајката се утврдуваат.

























