СВР Велес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против 59-годишниот Ј.А. од Горно Јаболчиште, општина Чашка, поради сомнение дека како директор на општинско основно училиште ја злоупотребил службената положба и овластување.
Според пријавата, Ј.А. во текот на 2023 година постапил спротивно на Законот за јавни набавки, иако училиштето имало донесен годишен план за јавни набавки.
Тој, како што информира полицијата, извршил исплати кон шест правни лица за набавка на стоки и услуги, без претходно да склучи договори за меѓусебна соработка и без да спроведе соодветни постапки за јавни набавки.
Со ваквото постапување, според наводите во кривичната пријава, е причинета материјална штета на буџетот на училиштето во износ од 850.823 денари.






















