Една искра може да запали сè, пожарникарите од Велес со апел – не палете стрништа

pozar-strnista

Територијалната противпожарна единица Велес, заедно со Полициската станица Велес и Полициската станица Чашка, упатуваат сериозен апел до земјоделците, сточарите и сите граѓани да не палат стрништа, сува трева, пасишта, отпад и растителни остатоци на отворен простор.

Zito baner

Апелот доаѓа во период кога високите температури и сувото време создаваат услови во кои и најмал оган може за кратко време да се претвори во неконтролиран пожар со сериозни последици. Од пожарникарската единица потсетуваат дека токму несовесното палење на стрништа и пасишта во изминатите години било причина за голем број пожари, кои загрозиле животи, имот, земјоделски површини и шуми.

Agria

„Палењето на стрништа и пасишта е забрането и претставува прекршок за кој се предвидени санкции. Во наредниот период ќе бидат спроведувани засилени контроли на терен, а против лицата кои нема да ги почитуваат законските прописи ќе бидат преземени соодветни мерки“, велат надлежните.

Од ТППЕ Велес апелираат граѓаните да покажат одговорност, да не палат оган на отворено и навремено да пријават доколку забележат пожар или однесување кое може да доведе до негово предизвикување.

Но, освен опасноста од пожари, палењето на стрништата носи и сериозна штета за самото земјоделско земјиште. Една од најчестите заблуди меѓу земјоделците е дека пепелта по согорувањето ја подобрува почвата. Реалноста е дека со огнот се губат највредните материи што ги содржат жетвените остатоци – азот, јаглерод, сулфур, фосфор и калиум.

Најголеми се загубите на азотот и органскиот јаглерод. Азотот, кој е еден од најважните елементи за приносите, при согорувањето во голема мера испарува, додека органскиот јаглерод, кој е основа за создавање хумус, се ослободува во атмосферата како јаглерод диоксид.

Со други зборови, земјоделците со палењето ги уништуваат токму оние материи кои подоцна мора да ги надополнуваат преку скапи ѓубрива.

Палењето на растителните остатоци влијае и врз квалитетот на воздухот. При согорување се создаваат јаглерод диоксид, јаглерод моноксид и ситни честички кои го загадуваат воздухот. Особено опасни се PM честичките, кои можат да предизвикаат проблеми со дишењето, а најранливи се децата, постарите лица и лицата со хронични белодробни заболувања.

Најголемата опасност сепак останува можноста огнот да излезе од контрола. Само еден налет на ветер може пламенот од една нива да го прошири кон соседни парцели, насади, куќи или шуми.

Од надлежните служби уште еднаш потсетуваат дека превенцијата е најдобра заштита и дека со одговорно однесување можат да се спречат пожари со големи последици за природата, имотите и безбедноста на граѓаните.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: