И ова лето без вода: Жителите на Горно Оризари повторно алармираат за долгогодишниот проблем со водоснабдувањето

Orizari selo

Жителите на велешкото село Горно Оризари и ова лето повторно се соочуваат со недостиг од вода. Бараат надлежните институции конечно да најдат трајно решение за проблемот. Велат дека секоја година, со доаѓањето на високите температури, остануваат без вода за основните потреби во домаќинствата. Според нив, додека дел од корисниците ја користат водата за наводнување на земјоделските површини, останатите жители немаат доволно вода ниту за секојдневна употреба. Од ЈКП Дервен бараат поголема контрола врз системот и поефикасни мерки за спречување на злоупотребите.

Zito baner

Нихат Куртагиќ, жител на Горно Оризари, вели дека проблемот е присутен секое лето и дека бројот на луѓе кои ја користат водата за наводнување постојано расте, додека жителите остануваат без вода за основните потреби.

Agria

„Како и секоја година – Оризари останува без вода, а решение нема. Бројот на луѓето кои ги наводнуваат нивите станува се поголем, додека жителите остануваат без вода за основни потреби. До кога веќе вака? Само ме интересира дали единствено јас имам проблем со водата во ова време, на 40 стпени, или пак, имаат проблем и останатите во Оризари? Дали на сите им е добро и никому не му е потребна вода или ја немаат?“, рече Куртагиќ.

Тој смета дека одговорноста за контролата на водоводниот систем не може да се префрла врз граѓаните, туку дека таа е обврска на ЈКП Дервен кое стопанисува со водоснабдителната мрежа. Тој посочува и дека нема еднаков третман кон сите корисници, како и дека проблемите со водоснабдувањето со години остануваат нерешени.

„Јавното комунално претпријатие Дервен и понатаму не го решава нашиот проблем, туку го влошува. На народот му дозволува да се приклучува и да ги наводнува нивните, а ние немаме вода за основни потреби. Доколку се јавите и прашате, велат: „Водата се краде, барајте кој краде.“ Па не е обврска ниту работа на граѓанинот да го бара крадецот. Тоа е работа на надлежните, на ЈКП Дервен, кои ја наплатуваат водата и стопанисуваат со неа и ја контролираат водоводната мрежа. Ниту јас наплатувам, ниту било кој друг граѓани. Плус, некој ќе почести некој шеф и луѓето ги залеваат нивите. Нема никакво правило. Никогаш базенот за вода не е очистен. До кога веќе секоја година да го трпиме истиот проблем, а решение нема“, наведува Куртагиќ.

Од ЈКП „Дервен“ ги демантираат тврдењата дека резервоарот за вода не се чисти со години. Велат дека тој редовно се чисти и се дезинфицира согласно предвидените процедури. Оттаму посочуваат дека проблемот со намалениот притисок се јавува исклучиво во летниот период, кога водата масовно се користи за наводнување на земјоделските површини, но додаваат дека ЈКП „Дервен“ нема законска надлежност да им наложува на жителите за што ќе ја користат водата од водоснабдителниот систем. Според претпријатието, капацитетот на пумпата и резервоарот за водоснабдување функционира непроменето во текот на целата година, а и покрај нивните апели водата да се користи само за потребите на домаќинствата, не наидуваат на разбирање.

„Точно е дека притисокот на вода се намалува во водоводниот систем во повисоката зона на селото поради ненаменско користење на водата од системот – за наводнување на земјоделски култури, и дека во текот на остатокот од годината кога не се наводнуваат нивите нема ваков проблем, но ЈКП Дервен нема законска надлежност да им налага на корисниците за што ќе ја користат водата од водоснабдителниот систем. Сакаме да потенцираме дека капацитетот на пумпата за водоснабдување и резервоарот за водоснабдување на с. Горно Оризари функционираат со ист капацитет во текот на целата година. И покрај апелите жителите на селото водата да ја користат наменски, само за потребите на домаќинствата, сепак не наидуваме на разбирање“, рече Тодорка Пенкова, портпарол на ЈКП „Дервен“.

Според последниот попис, во Горно Оризари живеат 1.723 жители, претежно припадници на бошњачката етничка заедница. Во изминатите години, поради тешките економски услови, голем број жители се иселиле во земјите од Западна Европа, најмногу во Виена, каде што имаат формирано бројна заедница. И покрај тоа, жителите на Оризари со години, заедно со својата дијаспора, самоорганизирано вложуваат сопствени средства за изградба на патишта и друга неопходна инфраструктура, со цел да обезбедат подобри услови за живот во селото.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: