Седумдесет и осумгодишен жител на Велес останал без 100.000 денари, откако бил измамен од непознато лице кое со лажна приказна за авионски билет успеало да ја стекне неговата доверба, а потоа да му ги одземе парите.
Случајот бил пријавен на 8 јули во 13:40 часот во СВР Велес. Според пријавата, непознатото лице дошло пред домот на оштетениот и се претставило како странец кој веќе имал купен авионски билет и не можел со себе да го понесе кујнскиот прибор што го поседувал.
Измамникот го убедувал пензионерот дека предметите имаат голема вредност, но дека ќе му ги подари. Сакајќи да му се оддолжи, велешанецот понудил да му даде одредена сума пари. Кога влегол во домот за да ги земе парите, непознатиот влегол по него и му одзел вкупно 100.000 денари, по што со возило избегал од местото.
Од СВР Велес информираат дека за случајот е известен јавен обвинител и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителот.






















