Селото Мелница во Општина Чашка на 21 јули (вторник) ќе биде домаќин на четвртата по ред манифестација „Мелничка иселеничка средба 2026“, која традиционално ги обединува жителите и иселениците од селото.
Настанот е во организација на Македонското друштво МАК-МЕЛ од Бургдорф, Швајцарија, заедно со МЕЛ-МЕЛ од село Мелница, Месната заедница Мелница, Чамискиот мејлис од селото и МАК-МЕЛ Бон од Германија, со поддршка на Општина Чашка.
Организаторите ги покануваат сите мелничани, нивните семејства, пријатели и гости да бидат дел од манифестацијата, која има за цел да ги зацврсти врските меѓу иселениците и родното место и да ја негува традицијата.

Според програмата, од 18:30 до 20:00 часот ќе се одржи свечено дефиле на фолклорните друштва низ главната улица во селото. Од 20:00 до 20:30 часот е предвидено свечено отворање и обраќања на спортскиот терен при ООУ „Тодор Јанев“ во Мелница.
Културно-забавната програма ќе започне во 20:30 часот, а ќе ја води познатата ТВ водителка Ирена Спировска. Пред посетителите ќе настапат девојки од село Мелница, КУД „Керамичар“ од Велес, како и пејачката Анета Љумаковска со својот бенд, а организаторите најавуваат и други изненадувања.

Целокупната програма ќе биде пренесувана во живо од Live Streaming Production.

Селото Мелница се наоѓа на околу девет километри западно од Чашка, во подножјето на планината Јакупица. Во изминатите децении голем број жители се иселиле во Швајцарија, Германија и Турција, но редовно се враќаат во родното село, а токму оваа манифестација претставува можност повторно да се соберат, да се дружат и да ја одбележат заедничката традиција.

























