По повод 40-годишнината од одржувањето на првата Сојузна младинска работна акција „Титов Велес ’86“, во Велес ќе се одржи тридневна манифестација посветена на акцијаштвото и генерациите кои учествувале во оваа голема младинска акција. Манифестацијата ја организира Здружението на граѓани „Акцијаш – ветерани“ од Велес, а ќе се одржи на 9, 10 и 11 октомври 2026 година.
Првата Сојузна младинска работна акција „Титов Велес ’86“ се одржала пред 40 години во Велес, во две смени, со учество на по пет младински работни бригади. Како бригада-гостин учествувала и МРБ „Југославија“ од Фрајбург, СР Германија. Акцијата била составена од 39 бригади, меѓу кои имало и 28 деца на наши гастарбајтери кои работеле во Германија, како и 11 нивни врсници од Германија со кои заедно учеле и живееле.

На годишнината во Велес се очекува да пристигнат претставници од 14 здруженија на акцијаши од поранешните југословенски републики и од Македонија. Организаторите најавуваат присуство на околу 90 бригадири меѓу кои има и учесници на „СМРА ’86“, но и голем број други поранешни акцијаши.
На манифестацијата се поканети и велешани кои учествувале во акцијата во 1986 година, како и гости и граѓани кои сакаат да бидат дел од одбележувањето. Организаторите очекуваат вкупно околу 170 до 180 учесници и гости.
Во рамки на програмата се предвидени повеќе активности. Меѓу останатото, ќе бидат засадени 40 дрвца во месноста Дворови кај Железен мост, а ќе биде поставено и спомен-обележје кај ООУ „Кочо Рацин“ пред гимназијата, како и на Костурница. Предвидено е и доделување признанија и благодарници.

Учесниците на манифестацијата ќе бидат сместени во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ – Интернат, каде на 10 октомври ќе се одржи и централната прослава.
Организаторите упатуваат покана до граѓаните и медиумите за заедничко одбележување на 40-годишниот јубилеј од „Титов Велес ’86“, настан кој оставил значаен белег во историјата на градот и на младинското акцијаштво во тогашна Југославија.






















