Намалувањето на бројот на ученици и паралелки во македонските училишта веќе не е само статистика во годишните извештаи. Тоа е тренд кој директно се гледа во училиштата, помалку првачиња, помалку паралелки, а во некои средини и прашање дали одредени училишта во иднина ќе можат да функционираат со сегашниот број на ученици.
Демографското намалување, иселувањето и сè помалиот број на деца во семејствата се дел од причините поради кои училиштата низ Македонија се соочуваат со намален број ученици. Последиците постепено се чувствуваат и во Велес.
Според податоците за новата учебна 2026/2027 година, во најголем дел од основните и средните училишта во Велес бројот на паралелките останува на истото ниво. Но, таму каде што има промена, таа покажува јасна слика, бројот на деца што влегуваат во образовниот систем не секогаш е доволен да ја пополни генерацијата која излегува.
Во ООУ „Блаже Конески“, бројот на паралелки е намален од 39 на 38. Минатата учебна година училиштето имало пет паралелки во деветто одделение, додека оваа година примило четири паралелки во прво одделение. Слична е состојбата и во ООУ „Васил Главинов“, каде бројот на паралелки е намален за две, од 57 во учебната 2025/2026 година на 55 во новата учебна година.

Уште позабележително е намалувањето во подрачното училиште ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ во село Иванковци. Таму минатата година имало 14 паралелки, а оваа учебна година бројот е намален на 11. Тоа се три паралелки помалку за само една учебна година.
Но, не секаде бројот оди надолу. Во ОСУ „Јовче Тесличков“ има зголемување за една паралелка, од 14 во учебната 2025/2026 година на 15 паралелки во 2026/2027 година.

Кај останатите велешки училишта опфатени со податоците, бројката останува непроменета. Ист број паралелки како лани имаат ООУ „Панко Брашнаров“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ООУ „Рајко Жинзифов“, ООУ „Лирија“, како и ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ и ССОУ „Димитрија Чуповски“.
Ако се погледне само Велес, бројките можеби не изгледаат драматично. Станува збор за неколку паралелки помалку, а кај едно училиште има и зголемување. Но, токму овие бројки треба да се гледаат како дел од една поширока слика. Зашто една паралелка помалку денес може да значи уште една помалку за неколку години. Особено чувствителна е состојбата во помалите населени места. Намалувањето од 14 на 11 паралелки во Иванковци е пример дека демографскиот проблем најбрзо се чувствува таму каде што и бројот на жители е помал.






















