Во раните утрински часови денеска, околу 6:20 часот, била пријавена запалена гранка на улицата „Димко Најдов“, во близина на летниковецот кај Долни Дуќани во Велес.
На местото веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица Велес со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители. По пристигнувањето било утврдено дека гори падната гранка која се наоѓала врз електричниот вод на Македонски железници.
Пожарникарите го обезбедиле местото на настанот и веднаш ги известиле надлежните служби на Македонски железници за понатамошно постапување.
Во меѓувреме, екипи на ЈКП „Дервен“ излегле на терен и ги отстраниле сувите гранки од стеблото, со што било спречено евентуално ширење на пожарот и поголема материјална штета.






















