МВР предупредува: Опасна онлајн група „764“ ги уценува децата, ги тера на самоповредување и насилство

Министерството за внатрешни работи предупредува на опасноста од онлајн заедницата „764“, чии членови преку социјалните мрежи, апликациите за комуникација и онлајн игрите воспоставуваат контакт со деца и малолетници, ја стекнуваат нивната доверба, а потоа ги манипулираат, заплашуваат и уценуваат.

Zito baner

Целта на членовите на оваа насилна онлајн група е да ги принудат децата да испраќаат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија што можат да имаат фатални последици, предупредуваат од МВР.

Agria

Според информациите на Министерството, групата дејствува на повеќе популарни дигитални платформи, меѓу кои Дискорд, Телеграм, Роблокс, Инстаграм, Тик-ток, Снепчет, Редит и Икс, но и преку онлајн игрите Мајнкрафт и Фортнајт.

Членовите најчесто се претставуваат како врсници или лица заинтересирани за пријателство и емотивна врска. Откако ќе ја стекнат довербата на децата, започнуваат со манипулации и закани, користејќи ги добиените фотографии и видеоснимки како средство за уцена и воспоставување целосна контрола врз жртвите.

За сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународни безбедносни институции, меѓу кои и американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое ја поврзува „764“ со пошироки насилни екстремистички онлајн заедници.

На кои знаци треба да внимаваат родителите?

МВР ги повикува родителите и старателите да обрнат внимание на ненадејни промени во однесувањето на децата, особено ако забележат:

  • Повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост.

  • Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот.

  • Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и игрите.

  • Заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки.

  • Необјаснети повреди, исеченици и гребнатини.

  • Изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.

Од Министерството нагласуваат дека овие знаци не значат автоматски дека детето е жртва на злоупотреба, но не треба да се игнорираат.

Родителите се советуваат редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и да им објаснат дека не треба да споделуваат лични податоци, лозинки или интимни содржини со непознати лица.

Особено важно е децата да знаат дека не се виновни доколку некој ги уценува или заплашува и дека секогаш можат да побараат помош.

Каде да се пријави сомнеж за групата „764“?

Секој што има информации или сомнеж за активности поврзани со оваа група или слични насилни онлајн заедници може да пријави во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, на електронската адреса:

[email protected]

МВР советува да се зачуваат пораките, корисничките имиња, линковите и другите податоци што можат да помогнат во истрагата, без стапување во конфронтација со лицата што упатуваат закани.

Посебно се нагласува дека експлицитни материјали на кои се прикажани малолетници не смеат да се преземаат ниту да се препраќаат.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: