Љубителите на адреналинот и моторите во недела, 4 октомври, ќе имаат можност да проследат атрактивна хард ендуро трка во близина на велешкото село Оризари.
Тимот Hard Enduro Orizari го организира „HEO ORIZARI SURVIVAL 2026“, настан на кој досега се пријавени повеќе од 70 учесници од Македонија, Косово, Србија, Грција и Бугарија. Возачите ќе се натпреваруваат на специјално подготвената патека во близина на селото Оризари, која организаторите ја подготвија токму за оваа трка.
Станува збор за дисциплина која во последните години бележи сè поголема популарност низ Европа и Балканот, а хард ендуро трките се препознатливи по тешките теренски услови, препреките и големиот адреналин.
Настанот ќе започне во 8:30 часот наутро, а според најавите ќе трае до 17:00 часот. Од „Hard Enduro Orizari“ ги повикуваат сите љубители на моторите и адреналинот да дојдат во што поголем број и во живо да ја проследат трката.






















