Додека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) одбива да ги соопшти имињата на фирмите кај кои се утврдени неправилности во млечните производи, повикувајќи се на можни тужби и правни последици, Батали.мк дојде до резултатите од анализите и имињата на производителите чии производи покажале сериозни отстапувања од декларираниот состав.
Најголемите отстапувања се утврдени кај увозни производи од Србија. Кај урдата на производителот Бела Фарм – Хомоље, анализата покажала само 5,54 проценти млечна маст, иако на декларацијата биле наведени 25 проценти. Уште подрастичен е случајот со Златиборско ситно сирење на ПК Златибор, каде наместо декларираните 14,3 проценти млечна маст, лабораториската анализа покажала само 1,19 проценти.
Сериозни отстапувања се утврдени и кај домашните производители. Кај Млекара Маврово, во мешано сирење наместо декларираните 24,5 проценти млечна маст, биле измерени 17,5 проценти. Кај Млекара Ѓорѓиеви, козјото сирење содржело 16,3 проценти млечна маст наместо декларираните 23 проценти, додека содржината на протеини изнесувала 14,6 проценти наместо наведените 18,8 проценти. Кај Милком, во мешан кашкавал биле измерени 30 проценти млечна маст, иако на декларацијата стоеле 34,5 проценти.
Неправилности биле утврдени и кај производите на Сентис АГ Тетово. Кај УХТ млекото наместо декларираните 3,2 проценти млечна маст, анализата покажала 2,85 проценти, а содржината на протеини изнесувала 3 процентинаместо декларираните 3,5 проценти. Кај киселата павлака, пак, биле измерени 14 проценти млечна мастнаместо декларираните 18 проценти.
Кај Тетовска млекара, во мешано сирење биле утврдени 19,8 проценти млечна маст, наместо декларираните 23 проценти. Кај производот „Кравјо сирење“ на Продукт, анализата покажала 11,4 проценти млечна маст наместо наведените 15 проценти. Единствено кај овој производ содржината на протеини била поголема од декларираната – измерени биле 15 проценти, а на декларацијата биле наведени 12 проценти. Посебен случај е производот млечна павлака со пиперка на Норд Милк, кај кој лабораториските анализи покажале присуство на растителни масти.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, денеска изјави дека агенцијата засега нема да ги открива имињата на фирмите бидејќи тоа може да предизвика тужби против институцијата.
„Согласно интелектуална сопственост и Законот за потрошувачите и Законот за информации поврзани со храната не можеме во моментот да го кажеме делот затоа што ќе сносат и последици и економски и финансиски операторите со храна. Не сакаме утре да бидеме и ние изложени на товар со прекршочни и кривични тужби кон агенцијата“, рече директоро на АХВ Оливер Миланов.
Спротивен став има директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, која во телефонски разговор изјави дека доколку таа одлучува, имињата веднаш би биле објавени и најави нови контроли кај други оператори со храна. Случајот предизвика бурни реакции кај сточарите и потрошувачите, кои бараат целосна транспарентност и објавување на сите компании кај кои се утврдени неправилности.
„Зошто да го труете народот? Зошто децата мали си ги труете? Зошто сите молчите? Зошто сите молчите да ве прашам кога сите јадете од тоа дури и ние, ние ако произведуваме млеко, ние го купуваме тоа млеко. Кај нас млекото паѓа, во маркетите расте. Дали некој е задолжен да го зема тоа вештачко млеко? Некој што го увозува и треба да го троши. И сега ова кавга не е така настанато. Открила АХВ открила, што открила АХВ? Па на АХВ и кажуваме пред три месеци дека, дека сè тоа е со такви средства со ѓубриња. Едноставно селски ние да ти даде да и кажеме дека е со ѓубриња тоа и за жал и малите и старите и сите ние секојдневно еве го конзумираме. Значи ѓубрињата и мора да ги конзумираме, да се храниме“, рече сточарот Борче Бучински.
Дел од експертите предупредуваат дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во домашниот пазар на храна и покажуваат потреба од построги контроли и значително повисоки казни за прекршителите.






















