Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) побара од Уставниот суд да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и членот 78-и од Законот за култура, додека на синдикалните претставници не им биде овозможено да ги изложат своите аргументи.
Од СКРМ посочуваат дека седницата е закажана за петок, 27 ноември, но и покрај двете доставени писмени барања, сè уште немаат добиено покана ниту одговор од судот.
Како еден од потписниците на Колективниот договор, Синдикатот бара одржување јавна расправа на која сите засегнати страни ќе можат да ги презентираат своите ставови.
Од СКРМ предупредуваат дека евентуалното укинување или поништување на договорот би можело да доведе до губење на веќе стекнатите работнички права на илјадници вработени во културата и враќање на состојбите од пред 2020 година.
Посочуваат дека ова е третпат да се разгледува уставноста на Колективниот договор, откако претходните две иницијативи биле отфрлени.
„Ако се суди според информациите кои циркулираат во Министерството за култура и според она што не е предвидено во предлог-буџетот за 2027 година, како и според информациите што ги добивме на состанокот во владата дека вработените во културата немаат ништо, бидејќи Колективниот договор е пред Уставен суд, а имајќи предвид дека седницата се случува после одбиената понудата на премиерот за линеарно покачување на платите во културата… тогаш се наметнува прашањето дали власта е и судија и кадија во една правна држава?“, рекоа од Синдикатот на културата.
Синдикатот најави дека ќе достави трето барање за присуство на седницата. Доколку Уставниот суд донесе одлука без да им овозможи учество, ќе бидат информирани меѓународните институции, ОБСЕ и дипломатските претставници во земјава.
За натамошните чекори ќе одлучува Советот на Синдикатот.




















