Пушењето цигари е една од главните причини за појава на сериозни заболувања и предвремена смртност во светот. И покрај бројните предупредувања за штетноста на тутунот, милиони луѓе секојдневно се изложени на неговите последици, не само пушачите, туку и лицата од нивното опкружување.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), употребата на тутун годишно предизвикува повеќе од седум милиони смртни случаи во светот. Од нив, над 1,6 милиони се непушачи кои умираат како последица на изложеност на чад од цигари. Тутунскиот чад содржи илјадници хемиски супстанции, од кои голем број се токсични и канцерогени.
Пушењето го зголемува ризикот од рак на белите дробови, срцеви заболувања, мозочен удар и хронични белодробни заболувања. Штетните последици не се ограничени само на респираторниот систем, туку влијаат и врз крвните садови, срцето и имунолошкиот систем. Особено загрижувачко е пасивното пушење, кое претставува сериозен ризик за децата.
Изложеноста на чад од цигари може да предизвика респираторни инфекции, астма, воспаленија на ушите и други здравствени проблеми кај најмладите. Здравствените придобивки од откажувањето од пушење започнуваат уште во првите часови.
Со текот на времето се подобруваат циркулацијата и функцијата на белите дробови, а се намалува и ризикот од срцеви заболувања и карцином.
Од Светската здравствена организација порачуваат дека не постои безбедно ниво на изложеност на тутунски чад и дека откажувањето од пушење е еден од најважните чекори што човек може да ги преземе за заштита на сопственото здравје.
Возрасните пушачи во Македонија годишно трошат во просек по 600 евра за цигари, сума што ги надминува просечните здравствени придонеси на еден вработен од околу 500 евра. Овие податоци беа соопштени на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, организирана од Аналитика тинк-тенк и Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, додека новиот закон за заштита од пушење сè уште чека усвојување во Собранието.
Резултатите од националната анкета на Аналитика тинк-тенк за 2026 година, спроведена на примерок од 1.065 возрасни испитаници, покажуваат дека точно 50 отсто од возрасните граѓани пушат цигари. Секојдневното пушење кај возрасната популација се зголемило од 43 проценти на 48,1 процент.
Податоците од истражувањата покажуваат дека 17 отсто од малолетниците во земјава пушат класични цигари или цигари од загреван тутун. Според наодите од анкетата, цигарите станале за 17,3 проценти подостапни во однос на просечната плата, бидејќи платите растеле побрзо од цените на цигарите.
Министерот за здравство Сашо Клековски, истакна дека еден пушач годишно во просек троши по 600 евра за цигари, што е повеќе и од придонесите на вработен во Фондот за здравствено осигурување кои изнесуваат околу 500 евра. Претставничката на Аналитика тинк-тенк, Тамара Мијовиќ Спасова, посочи дека речиси четвртина од граѓаните пушат повеќе од 20 цигари дневно и се вбројуваат во категоријата тешки пушачи. Дополнителни 40 отсто од пушачите консумираат од 10 до 20 цигари на ден, додека 62 проценти од сите испитаници забележале пушење во ресторани и кафулиња.
Предложеното законско решение предвидува строги забрани за пушење во широк спектар на јавни и полујавни простори. Забраната ќе важи и за приватни возила кога во нив се превезуваат деца, а на конференцијата беа најавени натамошни дискусии за превенцијата и приоритетите во јавното здравство.




















