Посветеното внимание и грижата за повозрасните лица беа во фокусот на активност на Црвениот крст – Општинска организација Велес, по повод Неделата на старите лица. Во рамки на активноста, волонтер ја посети баба Миланка во нејзиниот дом, каде ѝ беше измерен крвниот притисок, а средбата продолжи со разговор и дружење.
Баба Миланка споделила спомени од својата младост, работниот век и времето кога соседските посети и семејните собири биле дел од секојдневието. Токму можноста да ги сподели своите сеќавања и да помине време во разговор ѝ донела посебна радост, посочуваат од организацијата.
Од Општинска организација Велес потсетуваат дека грижата за старите лица не треба да биде ограничена само на одбележувањето на одредени датуми, туку да се практикува секојдневно, преку непосредна поддршка, внимание и човечка блискост.


















