![Borec - Renova naslovna](https://batali.mk/wp-content/uploads/borec-renova-naslovna.jpg)
Репрезентативната пауза е зад нас, а пред нас се новите возбудувања од Првата македонска фудбалска лига. На ред е деветтото коло, во кое велешки Борец на свој терен ја пречекува Македонија Ѓ.П. Натпреварот (недела, 14:30 часот) е и едно од двете дербија на колото, бидејќи се среќаваат две екипи од првата четворка на табелата, но и натпревар на екипи кои имаат добри серии. Скопјани веќе пет натпревари се без пораз, во кои само еднаш одиграа нерешено, а Борец минатото коло на Чаир во Скопје ја прекина серијата од четири натпревари без загубен меч.
И двете екипи имаат мотив да ги освојат бодовите и да се зацврснат во горниот дел на табелата. На гостите би им одговарало и нерешено, бидејќи ќе ја продолжат позитивната серија и ќе држат чекор со водечките Шкендија и Шкупи, додека Борец ќе се обиде да се рехабилитира од поразот од 3:0 на гостувањето кај Шкупи и да се врати на победничка патека. Затоа, овој меч ветува интересен дуел, а тоа го потврдува и младинскиот репрезентативец на Македонија од редовите на Борец, Оливер Стојменовски.
„Покажавме дека сме екипа за респект, а тоа ќе го потврдиме и на неделниот натпревар. Македонија Ѓ.П. е во позитивна серија од пет натпревари без пораз, но ние веруваме во себе и одиме на три бода. Докажавме дека теренот во Велес е еден од најтешките за освојување бодови за гостинските екипи. Ќе дадеме сè од себе и во недела така да остане“, рече играчот од одбраната на Борец, Оливер Стојменовски.
![gorazd mihajlov](https://batali.mk/wp-content/uploads/image-329.png)
За овој натпревар тренерот на велешани Горазд Михајлов може да смета на сите играчи, освен на поодамна повредениот стопер Никола Гавриќ, а на мала повреда се жали и Милан Чичевски. Михајлов вели дека репрезентативната пауза добро ја искористиле и очекува позитивен резултат.
„Поразот од Шкупи е веќе минато. Репрезентативната пауза ја искористивме максимално за претстојните натпревари. Македонија Ѓ.П. е добар тим, предводен од мојот пријател Жикица Тасевски, а местото на табелата тоа и го кажува, впрочем, ова ќе биде дуал на третиот и четвртиот на табелата. Ќе се обидеме да ја наметнеме нашата игра и ќе дадеме сè, за позитивен резултат. Се надевам дека ќе ги израдуваме велешани и ќе останеме во добар ритам и за следните натпревари“, рече тренерот Михајлов.
На табелата Борец е четврти со 12 бода, а следниот противник Македонија Ѓ.П. е место погоре и има четири бодови повеќе од велешани. Нивниот меѓусебен дуел се игра во недела, на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес со почеток од 14:30 часот, без присуство на публика, поради корона-кризата.
Можеби ќе ве интересира: