Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток во 20:30 часот во Хернинг го игра својот прв натпревар на Европско првенство во ракомет, а противник е кодомаќинот Данска ракометна репрезентација.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров веќе неколку дена се наоѓаат во Данска, каде што во вторникот го одиграа и последниот контролен натпревар, остварувајќи победа против екипата на Митјиланд.
Ова е вторпат македонските ракометари да стартуваат европски шампионат токму во Хернинг против Данска. Првиот ваков дуел беше одигран во 2014 година. Вечерашниот натпревар е дел од групата Б, во која претходно, од 18 часот, ќе се сретнат селекциите на Португалија и Романија.
Следниот натпревар Македонија ќе го одигра во недела од 18 часот против Португалија, додека во вторник, во истиот термин, противник ќе биде репрезентацијата на Романија.
Пласман во следната фаза од првенството ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации од групата.





































