Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во пресрет на претстојниот верски празник Богојавление – Водици и за време на продолжениот викенд апелира до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
Од РСБСП информираат дека се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот. Поради зголемената фреквенција на возила и можните неповолни временски услови, потсетуваат на потребата од: почитување на сообраќајните правила и прописи, прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови, да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции, навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето, соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата, зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
– Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи. РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот. „Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен“, се наведува во соопштението.






































