Со стартот на пролетниот дел од младинските ракометни лиги, ракометните пионери на Гемиџии повторно излегуваат на терен како единствен претставник од Велес во својата конкуренција. Младиот состав утре ќе го одигра првиот натпревар од пролетната полусезона во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“, со почеток од 12:30 часот, каде ќе се соочи со екипата на Куманово.
Како нов клуб на ракометната мапа, Гемиџии во есенскиот дел постепено ја градеа својата игра и тимска хемија. Полусезоната ја завршија со една победа, едно реми и шест порази. Иако резултатскиот биланс можеше да биде и подобар, неискуството и процесот на создавање нов тим го земаа својот данок.
Сепак, токму овие натпревари се темелот врз кој се гради иднината на велешкиот ракомет, а пролетниот дел носи нова можност за напредок, докажување и подобри резултати. Правдата на утрешниот натпревар ќе ја делат судиите Пепи Димков и Даниел Ристовски.

















