Ракометниот клуб „Гемиџии“ ги започна подготовките за новата сезона, во која ќе настапува во две младински категории – пионери и кадети. Велешкиот клуб годинава стартуваше со тренинзите порано од вообичаено, поради настапот на дел од ракометарите на завршните натпревари на Спортските училишни игри во Сплит, каде што екипата на ООУ „Кирил и Методиј“ го освои првото место во државата.
„Подготовките ги започнавме порано од вообичаено затоа што половина од нашите играчи, кои се ученици во ООУ „Кирил и Методиј“, со својата екипа го освоија првото место на државните натпревари и обезбедија настап на завршните Спортски училишни игри во Сплит. Таму, од 16 до 22 август, ќе го претставуваат училиштето, нашиот клуб, Велес и Македонија“, вели тренерот Сашко Радевски.
По настапот во Сплит, „Гемиџии“ ги очекува уште еден силен меѓународен предизвик. Целиот тим ќе замине на меѓународен турнир во Крагуевац, кој ќе се одржи од 22 до 26 август.

„По Сплит, со целиот тим заминуваме на меѓународен турнир во Крагуевац. Очекуваме да одиграме голем број натпревари против квалитетни екипи, што ќе ни биде одлична можност за дополнително воигрување и стекнување искуство. Сакам новата сезона да ја дочекаме што е можно поспремни, а ваквите меѓународни натпревари се најдобар начин младите ракометари да напредуваат“, додава Радевски.
Во „Гемиџии“ очекуваат новата сезона да донесе и поголема поддршка за младинскиот ракомет во Велес.
„Очекуваме и поголема поддршка од градот, од Сојузот на спортови на град Велес, како и од нашите досегашни и идни спонзори. На младите спортисти им е потребна поддршка за да можат да тренираат, да патуваат и да се натпреваруваат на турнири каде што стекнуваат драгоцено искуство“, вели Радевски.

Со настапите во Сплит и Крагуевац, „Гемиџии“ ќе имаат можност уште пред почетокот на сезоната да одиграат серија силни натпревари, што треба да биде важна подготовка за она што ги очекува во домашното првенство.





















