„Децата се светлината на животот“ беше мотото под кое вчера во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовиран романот „Стојче-Бројче“ од велешката авторка Соња Гаврилова. Станува збор за нејзино прво дело за деца и млади, кое во голема мера е инспирирано од 38-годишното професионално искуство на Гаврилова како училишен психолог во Основното училиште со ресурсен центар „Маца Овчарова“ во Велес.
Романот отвора повеќе теми поврзани со детството, училиштето, семејството, различностите и инклузијата, но пред сè ја нагласува потребата од разбирање, прифаќање и градење човечки односи уште од најрана возраст. Промоторката Марија Давчевска истакна дека книгата има двојна вредност – како литературно дело, но и како едукативен ресурс.
„Ова не е книга која само ќе ја прочитате, ќе ја затворите и ќе ја оставите на полицата. Таа е литературно дело, но истовремено и едукативен ресурс. Ја раскажува приказната, но истовремено нè учи“, рече Давчевска.
На значењето на инклузијата во романот се осврна и промоторката Весна Давчевска Илиевска. Таа посочи дека приказната за Стојче покажува како влегувањето на едно дете во училишната средина може да донесе бројни промени, не само кај децата со различности или попречености, туку кај сите кои се дел од таа средина.
„Инклузијата не е само онаа за која говориме кога станува збор за оние со различности или попречености. Таа е за сите кои што се во тоа опкружување, за соучениците кои навидум не се различни или не се со попреченост“, истакна Давчевска Илиевска.
За авторката, „Стојче-Бројче“ е многу повеќе од книжевно првенче. Тоа е своевиден продолжеток на нејзината долгогодишна работа со децата и на професијата која, како што рече, била нејзина ѕвезда водилка уште од најрана возраст.
„Децата се светлината на животот. Тие беа и сè уште се мојата ѕвезда водилка од кога паметам за себе, кога и јас бев дете и знаев дека ќе изберам професија за работа со деца – училиштен психолог“, рече Гаврилова.
Првото издание на романот „Стојче-Бројче“ е објавено од велешката издавачка куќа „ЗБОР“, а авторката го посветува на својата долгогодишна пријателка, колешка и цимерка од канцеларија, Тања Попова.






















