Двајца велешани се кривично пријавени за измама, откако во Струга, според пријавата, довеле во заблуда 88-годишен маж и му одзеле 300.000 денари, информира МВР.
Станува збор за А.С.(67) и Д.С.(42) од Велес, против кои Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднела кривична пријава за кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 6 август 2026 година во Струга, двајцата побарале од 88-годишникот да им донесе пари за да ја види сопругата на едниот од нив, која била од странска земја, а за возврат ќе го наградат.
Мажот ги донел парите и им ги дал, а тие како гаранција му дале чанта за која му кажале дека во неа има околу 10.000 евра.
Пријавените заминале, но не се вратиле ниту по половина час. Оштетениот си заминал дома, а кога ја отворил чантата, видел дека во неа нема пари и сфатил дека бил измамен.






















