Новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига е предвидено да започне на 10 октомври 2026 година, а велешкиот Борец Баскет во првото коло ќе има домашен натпревар против екипата на Ангели. Борец Баскет е дел од групата „А“, каде што покрај велешани и Ангели ќе се натпреваруваат уште ИБА Скопје, Водно Санс, Младинец, Црн Дрим, Феникс 2010 и Мега Баскет.
Во првото коло, покрај дуелот Борец Баскет – Ангели, ќе се сретнат и ИБА Скопје – Водно Санс, Младинец – Црн Дрим и Феникс 2010 – Мега Баскет. Во првата фаза екипите ќе играат двокружно, по принципот „секој со секого“ во рамките на својата група.
Останува отворено прашањето каде велешкиот клуб ќе ги игра домашните натпревари на почетокот од сезоната, со оглед дека салата „Гемиџии“ нема да биде достапна поради најавеното реновирање. Од клубот најавуваат дека дополнително ќе информираат за салата во која ќе ги пречекуваат противниците
По завршувањето на групната фаза, најдобрите четири екипи од двете групи ќе продолжат во ТОП 8 фазата, при што ќе ги пренесат резултатите од меѓусебните натпревари од првата фаза. Останатите екипи ќе продолжат во Плеј-аут фазата, каде што ќе се води битката за опстанок во највисокиот ранг.
На крајот од сезоната, најдобро пласираната екипа ќе обезбеди пласман во Суперлигата, додека последнопласираниот тим во Лигата за опстанок ќе го загуби прволигашкиот статус.






















