Велешкиот кајак повторно покажа дека има квалитетна иднина. На Јуниорското првенство во кајак, кое во неделата се одржа во Демир Капија на водите на Вардар, трите места во екипниот пласман им припаднаа на велешки клубови.
Најуспешен беше ККК „Гемиџии 903“, кој го освои првото место во екипниот пласман. Втор заврши ККК „Вардар“, додека третото место му припадна на ККК „Бабуна“.
Велешаните имаа успешен настап и во поединечните дисциплини. Во К1 мажи, Павел Димовски од „Гемиџии 903“ го освои второто место, зад Кристијан Смилев од „Бабуна“, додека трет беше Филип Петрушев од „Вардар“.

Во женска конкуренција, Марија Пановска од „Гемиџии 903“ стигна до бронзениот медал во К1. Пред неа завршија Бојана Нацева од „Бабуна“ и Елена Гајдаџиева од „Просек“.
Во екипната дисциплина 3xК1 мажи, повторно на врвот беше „Гемиџии 903“, со составот Димовски – Алексов А. – Алексов И. Второто место го освои првата екипа на „Вардар“ (Петрушев – Ѓоргиев – Картинов), додека трет беше вториот состав на „Вардар“ (Арсовски – Крстев – Ѓорчевски).

Со три велешки клуба на првите три места во екипниот пласман, јуниорското првенство во Демир Капија беше уште една потврда за силната кајакарска традиција на Велес и работата со младите категории.






















