Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција информираше дека пратеничката група на Левица поднесе интерпелација за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Пратеникот информираше дека интерпелацијата се темели на повеќе прашања поврзани со политиките што Министерството ги спроведува во енергетиката и рударството, а особено со односот кон државните енергетски капацитети и управувањето со природните ресурси.
Едно од клучните прашања е зошто државата не го оспособува ЕСМ Продажба за активен настап на пазарот и за понуда на поконкурентни услови за граѓаните. Наместо да се зајакнува државниот капацитет, според Мециновиќ, се создава модел во кој јавниот сектор ги презема загубите, задолжувањето и ризикот, додека приватниот капитал ги презема сигурните приходи и профитите.


















