Премиерот Христијан Мицкоски очекува просечната нето-плата во земјава до пролетта 2028 година да достигне 1.000 евра или повеќе од 60.000 денари. Оваа цел ја посочи во обраќањето на свечената академија во Куманово, организирана по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Според податоците што ги презентираше премиерот, просечната нето-плата во јули изнесувала 48.499 денари, што претставува годишен номинален раст од 7,1 процент. Мицкоски порача дека Владата има амбиција во преостанатиот период од мандатот значително да го зголеми просекот на примањата на вработените.
„Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари“, изјави Мицкоски.
Актуелната Влада беше формирана по парламентарните избори во мај 2024 година, а редовниот четиригодишен мандат завршува во 2028 година.
Во говорот посветен на празникот 11 Октомври, премиерот се осврна и на потребата од поставување повисоки развојни цели, економски напредок и подобрување на животниот стандард. Според него, државата треба да се насочи кон создавање нови успеси, наместо да се задоволува со постигнатото.
„Доста е од мали амбиции – нам ни требаат големи цели“, порача Мицкоски, повикувајќи на храбри одлуки и промени што ќе овозможат земјата да напредува.
























