На барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерки на претпазливост на девет лица опфатени во случајот за незаконски постапки поврзани со операции на очи и злоупотреби на средства од Фондот за здравствено осигурување. Одземени им се патните испрати и имаат обрска да се јавуваат во Судот.
Мерката, како што објавија дел од медиумите, меѓу другите, е изречена и за Билал Кара, сопственик на „Санте плус груп“ и претседател на Управниот одбор на „Европската очна болница“ во Скопје.
МВР вчера објави дека во рамки на случајот засега се приведени осум лица, а кривични пријави се поднесени против 11 лица и едно правно лице од Скопје. Извршени се и претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и во Куманово, при што се се запленети околу 50 000 евра и мобилни телефони.
Според кривичната пријава, постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година, приватната здравствена установа се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра. Врз основа на лажни податоци во електронскиот систем на ФЗО се изготвувале фактури со лажна содржина, а приватната болница наплаќала исти услуги и од ФЗО и од пациентите. Со двојната наплата, според МВР, биле оштетени меѓу 3 000 и 4 000 пациенти.

















