Ветераните на ОК Борец Велес во недела, на 1 ноември, ќе учествуваат на завршниот финален турнир во одбојка, кој ќе се одржи во Тетово. На програмата се полуфиналните натпревари, а потоа и дуелите за медалите во третото издание на Лигата на ветерани.
Велешани ќе настапат во второто полуфинале, со почеток во 14 часот, против екипата на Скопје. Претходно, во 13 часот, во првото полуфинале ќе се сретнат Шкендија и Прилеп. Поразените екипи ќе играат за третото место, додека победниците ќе се борат за шампионската титула.
ОК Борец Велес со право се надева на продолжување на успешната серија, бидејќи велешките ветерани се освојувачи на титулите во првите две сезони од натпреварувањето. Целта е да стигнат и до третата титула по ред и да го потврдат приматот во Лигата на ветерани.
Во телефонски разговор, капитенот на екипата, Душан Ангјушев, истакна дека тимот се соочува со неколку помали повреди кај поединци, но дека сите играчи се подготвени за максимална борба за секоја топка и повторување на успесите од претходните години.
За подготвеноста на велешките одбојкари говори и нивната континуирана работа. Тие вредно и без прекин тренираат уште од турнирот во Велико Градиште, па сè до денес, со јасна цел да бидат подготвени за завршницата.
Велешката спортска јавност со нетрпение ги очекува настапите во Тетово, со надеж дека ветераните на Борец ќе донесат уште една шампионска титула во градот.





















