Во Сплит, во својот дом, во 85-тата година од животот почина Мате Мишо Ковач, една од најголемите музички легенди на овие простори и симбол на Шибеник, Хајдук и цела Далмација. Веста за неговата смрт за хрватскиот портал Index.hr ја потврдиле извори блиски до семејството на пејачот.
Во текот на својата кариера долга речиси половина век, Мишо Ковач продаде повеќе од 20 милиони плочи, оставајќи зад себе дискографски наследства и хитови што ги одбележаа животите на генерации низ целиот регион.
Според информациите, тој починал околу 15:30 часот, а пред смртта изразил желба да биде погребан во Загреб.
Музички пат обележан со рекорди и непрежалени хитови
Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, за време на италијанската окупација. Својот пат кон музиката го започнува уште како тинејџер, а првиот голем пробив го остварува во 1969 година со песната „Više se nećeš vratiti“. Со победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со култната „Proplakat će zora“, стана најуспешниот и најпопуларен пејач во поранешна Југославија. Заштитниот знак по кој секогаш ќе го паметиме – неговите мустаќи – ги пушти по тешката сообраќајна несреќа во 1971 година кај Задар, со цел да ја прикрие лузната над горната усна.
Неговите песни како “Ostala si uvijek ista”, “Ako me ostaviš”, “Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim” и “Sutra mi sude” и денес живеат со исто значење, а во 2012 година ја доби и престижната награда „Порин“ за животно дело.
Животот на Мишо Ковач покрај блесокот на сцената го одбележаа и длабоки трагедии. Во 1992 година, под неразјаснети околности во Загреб, животот го загуби неговиот 16-годишен син Еди. Овој удар го скрши пејачот, кој по одржувањето на емотивниот концертот пред 50 илјади луѓе на сплитскиот „Полуд“ првично најави повлекување од музиката. По период на тешка борба со депресија и семејни загуби, Мишо се врати на сцената каде што припаѓаше – пред публиката која го обожаваше, снимајќи нови албуми и дуети со својата ќерка Ивана.
Како ќе го паметиме?
Историјата ќе го памти по неверојатните тиражи, златни и дијамантски плочи, но најсигурната слика со која ќе остане врежан во меморијата на публиката е онаа препознатливата: темни очила, мустаќи, ланци и кренати раце со спуштен микрофон, додека илјадници луѓе наместо него ги пеат неговите рефрени.
Со заминувањето на Мате Мишо Ковач завршува една златна ера на југословенската и хрватската музичка сцена, но неговиот глас и неговите песни ќе продолжат да се пеат и паметат вечно. (Извор: Index.hr)





















