Алта банка АД Битола од утре (понеделник), 2 ноември, привремено ги затвора своите експозитури за работа со клиенти. Одлуката ќе важи до дополнително известување, информираат од банката преку соопштение до јавноста.
Ова следува по одлуката на Народната банка за воведување привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички на Алта банка.
„Нагласуваме дека преземените мерки имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на средствата и интересите на клиентите“, се наведува во соопштението од Алта банка.
Од банката додаваат дека клиентите ќе бидат навремено информирани за сите дополнителни информации и евентуални промени преку официјалните канали за комуникација.





















