Велешанецот Јовица Андовски, досегашен заменик-министер за здравство, е именуван за нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на местото на Оливер Миланов, кој поднел оставка од функцијата. Информацијата ја соопшти Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) преку објава на социјалните мрежи.
Андовски ја извршуваше функцијата заменик-министер за здравство од почетокот на мандатот на актуелната Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во тој период, на чело на Министерството за здравство се сменија тројца министри – Арбен Таравари, Азир Алиу и Сашо Клековски.
Тој беше заменик-министер за здравство и во претходниот владин состав предводен од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СПМ упатија честитки до Андовски за новото именување, оценувајќи дека неговото долгогодишно искуство како заменик-министер за здравство, професионалноста и посветеноста биле препознаени од партиското и државното раководство.





















