Полицијата трага по возач на автомобил „Сеат“ со велешки регистарски ознаки, кој вчера избегал од полициска контрола во населбата Превалец во Велес. При обидот за запирање на возилото, еден од сопатниците фрлил марихуана низ прозорецот.
Настанот се случил на 17 ноември, околу 12:30 часот, кога полициски службеници од СВР Велес дале знак за запирање на возилото. Возачот не застанал, туку продолжил да се движи, по што, откако сопрел, лицата се дале во бегство.
По преземените мерки, полицијата ги пронашла двајцата сопатници – 15-годишен малолетник и 18-годишниот Т.М., двајцата од Велес. Осумнаесетгодишникот бил лишен од слобода, додека со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител.
За настанот бил известен јавен обвинител, а полицијата презема мерки за пронаоѓање на возачот. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.




















