Две минути го делеа составот на Башкими од Горно Јаболчиште од голем бод против фаворитот ГФК Победа од Прилеп. Сепак, гостите успеаја да го решат натпреварот во самиот финиш, славејќи минимална победа од 0:1.
Одлучувачкиот момент се случи во 88. минута, кога Даниел Карчески од пенал ја затресе мрежата на Башкими и донесе водство за прилепчани, кое се покажа како доволно за освојување на трите бода.
Со оваа победа, ГФК Победа се зацврсти на врвот на табелата со 31 освоен бод, додека Башкими од Горно Јаболчиште останува на осмата позиција со 13 бодови.



















