Стресот кај родителите може да влијае врз емоциите на децата, покажува ново истражување
Стресот со кој се соочуваат родителите во првите години од животот на детето може да влијае врз неговиот емоционален развој и способноста да воспоставува контакти со другите луѓе. Ова го покажува ново истражување спроведено од Универзитетот во Хелсинки, Финска.
Истражувањето опфатило 1.000 мајки и татковци кои за првпат станале родители, а нивните искуства биле следени од бременоста до наполнувањето на втората година на детето.
Резултатите покажале дека родителите кои биле изложени на поголем стрес потешко ги препознавале и разбирале емоциите на своите деца. Кај децата на овие родители биле забележани поинтензивни реакции на лутина, потешкотии при смирувањето и поголема склоност кон повлекување од другите луѓе.
Од друга страна, децата чии родители биле помалку изложени на стрес полесно ги изразувале своите чувства и воспоставувале контакт и интеракција со околината.
Истражувачите посочуваат дека важен дел од родителството е способноста возрасниот да застане и да размисли што чувствува детето, наместо веднаш да реагира на неговото однесување.
Дополнителен дел од истражувањето опфатил 550 родители кои учествувале во групи за поддршка. Тие посочиле дека разговорите со други родители им помогнале подобро да ги разберат потребите на бебињата и предизвиците на родителството.
Истражувачите нагласуваат дека поддршката за родителите е важна уште од бременоста и во првите години од животот на детето, бидејќи грижата за родителите може да донесе придобивки и за најмалите.




















