Фабриките што имаат фотоволтаични електрани на своите покриви можат значително да ја зголемат користа од нив доколку инвестираат и во батериски системи. Наместо да ја користат сопствената евтина електрична енергија само додека има сонце, тие можат да ја складираат и да ја користат тогаш кога им е потребна во производствениот процес.

Ова беше една од главните пораки на Кочо Анѓушев на презентацијата пред претставници на повеќе од 50 компании од битолско-прилепскиот регион. Настанот го организираше Регионалната стопанска комора – Битола, во винаријата „Лозар“.
Анѓушев ги претстави можностите за намалување на трошоците за електрична енергија, со посебен акцент на батериските системи за складирање енергија (BESS) и нивната примена во индустриските капацитети.
Фабриките да работат кога им одговара, а не само кога имаат евтина струја од сонце
Многу индустриски компании веќе имаат инсталирано фотоволтаични електрани на покривите на своите производствени хали. Но, без батерии, можноста директно да ја користат сопствената произведена енергија зависи од сончевите часови и од моменталната потрошувачка.
Со инсталирање батериски систем, фабриките можат да го складираат вишокот електрична енергија произведена во текот на денот и да ја користат подоцна, кога им е потребна за работа на машините и производствените линии.
Тоа значи дека компаниите можат пофлексибилно да го организираат производството, без да мораат да го усогласуваат со периодите кога нивните фотоволтаици произведуваат електрична енергија.
На пример, фабрика која произведува повеќе електрична енергија во попладневните часови може да го складира вишокот и да го користи во втората смена или навечер. Така, наместо во тие часови да купува поскапа струја од мрежата, може да користи енергија што самата ја произвела.
Со тоа компаниите ја зголемуваат искористеноста на сопствените фотоволтаични електрани, ги намалуваат трошоците и добиваат поголема слобода во планирањето на производството.
Батериските системи овозможуваат и намалување на пиковите на потрошувачка, подобро управување со ангажираната моќност и дополнителни заштеди преку напредни софтверски решенија.




















