Од Македонскиот полициски синдикат информираат дека состанокот се одржал на 26 ноември во Велес, при што присутните ги изнеле своите видувања за случајот и ги образложиле околностите под кои биле преземени дисциплинските мерки.
По разгледувањето на доставените информации, од Синдикатот посочуваат дека е неопходно целосно почитување на законските права и гаранции на полициските службеници. Оттаму најавуваат дека доколку се утврди дека дисциплинските мерки се поврзани со околности кои не биле соодветно разгледани или земени предвид, ќе ги активираат расположливите синдикални механизми за заштита на колегите, во рамките на своите надлежности.
Во соопштението посебно се нагласува принципот на презумпција на невиност, кој, како што наведуваат, важи за секој граѓанин, вклучително и за полициските службеници. Од Синдикатот сметаат дека е неопходно постапките да се одвиваат согласно законските процедури, без избрзани заклучоци и јавни осуди пред утврдување на сите релевантни факти.
„Секој има право на правична постапка“, порачуваат од Македонскиот полициски синдикат, од каде додаваат дека синдикалната солидарност подразбира присуство, сослушување, заштита и конкретно дејствување.
Убиството се случи на 15 септември во 15:30 часот на улицата „Кочо Рацин“ во близина на Градскиот саат во Велес, кога 39-годишниот Илија Стефановски од Скопје со остар предмет ги уби својата поранешна партнерка Росица и нејзиниот татко Киро, кој се обидел да ја заштити.




















