Бројот на пријавени кривични дела поврзани со семејно насилство на територијата на СВР Велес годинава е зголемен за 53 отсто во споредба со истиот период лани. Од 1 јануари до 26 ноември 2026 година полицијата евидентирала 213 кривични дела, наспроти 139 во истиот период во 2025 година. Најголем дел од пријавените случаи се во урбаните средини – 182, додека 31 кривично дело се регистрирани во руралните средини.
Од СВР Велес информираат дека заклучно со 31 октомври годинава, во врска со овие кривични дела биле поднесени 141 кривична пријава и 37 известувања до надлежното јавно обвинителство. Воедно, биле изречени седум мерки притвор и 47 мерки на претпазливост.
Од полицијата зголемувањето на бројот на пријави го оценуваат и како показател дека жртвите сè повеќе се охрабруваат да го пријават семејното и родово базираното насилство и да побараат институционална заштита. Според нив, тоа укажува и на зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.
Сепак, зад бројките стои сериозен општествен проблем, а зголемениот број пријави отвора и прашање колку случаи на семејно насилство сè уште остануваат непријавени. Пријавувањето е првиот чекор кон заштита на жртвите и спречување на повторување или ескалација на насилството.




















