Вкупно 188 случаи на грип и заболувања слични на грип се пријавени во Македонија во 47-мата недела од 2026 година, од 16 до 22 ноември, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оваа бројка претставува зголемување од 22,1 отсто во однос на претходната недела и е двојно повисока споредено со истиот период минатата сезона. Иако активноста на вирусот на национално ниво сè уште се оценува како ниска, податоците покажуваат забрзано регионално ширење.
Најмногу заболени има во Скопје и Куманово, а досега против сезонски грип бесплатно се вакцинирале 33.594 граѓани од ризичните групи.
Вкупно 188 случаи на грип и заболувања слични на грип се пријавени во Македонија во 47-мата недела од 2026 година, од 16 до 22 ноември, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оваа бројка претставува зголемување од 22,1 отсто во однос на претходната недела и е двојно повисока споредено со истиот период минатата сезона. Иако активноста на вирусот на национално ниво сè уште се оценува како ниска, податоците покажуваат забрзано регионално ширење.
Во текот на минатата недела инциденцата изнесува 10,2 заболени на 100.000 жители, што е за 70,8 отсто повеќе во споредба со просечниот модел за последните 16 сезони. Најголем број случаи се регистрирани во Скопје (40) и Куманово (32), по што следуваат Дебар и Радовиш со по 17 заболени, Тетово со 13, и Охрид и Прилеп со по 11 случаи. Заболени се евидентирани и во Струга (10), Струмица (8), Битола (6), Свети Николе (5), Ресен и Штип (по 4), по два случаи во Велес, Кавадарци, Неготино и Македонски Брод, како и по еден во Крива Паланка и Гостивар.
Најголемиот товар на инфекцијата паѓа врз граѓаните на возраст од 15 до 64 години, каде се регистрирани 113 заболени. Потоа следуваат лицата над 65 години со 29 случаи, децата на возраст од 5 до 14 години со 28 случаи и најмладите до четири години со 18 заболени.
Од почетокот на сезоната 2026/2027, во земјава се регистрирани вкупно 797 случаи на грип или заболувања слични на грип, со кумулативна инциденца од 43,4 на 100.000 жители. Вкупната бројка е за 20,4 отсто повисока во споредба со истиот период од минатата сезона, кога биле евидентирани 662 случаи, и за 38,4 отсто над шеснаесетгодишниот сезонски просек. Гледано кумулативно по градови, најмногу заболени од почетокот на сезоната има во Тетово (211 случаи), додека највисока кумулативна инциденца е забележана на територијата на Радовиш (163,9 на 100.000 жители).
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ минатата недела пристигнале 71 примерок за тестирање, при што 17 биле позитивни на грип – 13 на несубтипизиран вирус Инфлуенца А и четири на подтипот А(H1)pdm09. Паралелно биле детектирани и шест позитивни примероци на ковид-19 (SARS-CoV-2), додека кај ниту еден примерок не бил потврден респираторниот синцицијален вирус (RSV).
Од почетокот на сезоната се тестирани вкупно 330 материјали. Кај 39 од нив е потврден грип (30 несубтипизирани Инфлуенца А, осум А(H1)pdm09 и еден А(H3)), а 17 биле позитивни на SARS-CoV-2. Слична слика бележи и Европскиот регион на Светската здравствена организација, каде стапките на респираторни инфекции се над основното ниво во 15 од 31 земја со доминација на вирусот тип А, особено подтипот А(H1)pdm09.
Епидемиолозите потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасна заштита, особено за постарите лица над 65 години, децата од шест месеци до пет години, хронично болните, бремените жени и здравствените работници. Бесплатната имунизација во земјава започна на 21 октомври 2026 година и се спроведува во центрите за јавно здравје и здравствените домови, со претходно закажување преку веб-страницата vakcinacija.mk.
Заклучно со затворањето на последниот извештај, бесплатна вакцина против сезонски грип примиле вкупно 33.594 граѓани од ризичните категории. Лекарите препорачуваат редовно миење раце, проветрување на затворените простории, избегнување собири и останување дома при појава на првите симптоми.




















