По речиси четири децении носење на еден лик во себе, актерката Весна Димитрова Бобевски во сабота, со почеток во 20 часот, на малата сцена на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ премиерно ќе ја изведе монодрамата „Кога земјата молчи“.
Станува збор за нејзин авторски проект, лична и уметничка исповед, инспирирана од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Во центарот на приказната е ликот на Велика, со кој Бобевски има посебна и долгогодишна творечка врска.

На прес-конференцијата по повод премиерата, актерката откри дека нејзината средба со Велика започнала пред околу 40 години, кога токму со овој лик го полагала приемниот испит за актерски студии.
„Од тој момент Велика остана во мене. Ја носев низ годините, ја чувствував, ја преиспитував и на некој начин постојано живеев со неа. Затоа денес не пристапувам кон неа како кон лик што допрва треба да го откријам“, посочила Бобевски.
Премиерата доаѓа во период на значаен меѓународен успех за актерката. Весна Димитрова Бобевски неодамна ја освои наградата за најдобра женска улога на 31. издание на Фестивалот на истражувачки театар „Isola dei Teatri“, кој се одржува на Сардинија.
Со „Кога земјата молчи“, велешката публика ќе има можност да проследи интимна театарска приказна во која се испреплетуваат личната актерска исповед, книжевното наследство на Петре М. Андреевски и ликот на една жена што со децении живее во актерската меморија на Весна Бобевски.





















