Новиот закон за финансиски друштва е подготвен и поминато е неговото последно читање, а една од предвидените измени е укинување на исплатите и уплатите во готовина, кои ќе треба да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, таа зборуваше за актуелните случувања со финансиските друштва, откако на дел од нив им беа одземени дозволите за работа, за засилените контроли и за подготовката на новото законско решение.
– Го дискутиравме законот за финансиски друштва. Дефинитивно најмногу ми пречеше делот со кешот. Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки, рече Димитриеска Кочоска.
Во однос на контролата на финансиските друштва, министерката потсети дека Министерството за финансии уште во 2024 година испратило циркуларно писмо до сите друштва, со кое ги предупредило да ги почитуваат одредбите од членот 36 од Законот за заштита на потрошувачите, според кој одредени опомени и слични дејствија не смеат да им се наплатуваат на граѓаните.
– Уште во 2024 година, ние како Министерство за финансии имаме испратено едно циркуларно писмо до сите финансиски друштва, со напомена да се внимава токму на член 36 од Законот за потрошувачи, каде што одредени опомени, доставување на опомени и таков тип на дејствија, коишто ги преземаат финансиските друштва, не смеат да се наплаќаат, бидејќи точно тоа е наведено во Законот за заштита на потрошувачите, посочи министерката.
Таа информира дека Министерството работело и на зајакнување на надзорните капацитети, со поддршка од претставници на Одделот за техничка помош при Министерството за финансии на САД. Како резултат на тие активности, во 2025 година било воспоставено посебно одделение кое врши вонтеренски и теренски контроли.
Димитриеска Кочоска нагласи дека контролите се засилуваат со текот на времето, а Министерството постапува и по пријави од граѓаните, кои, како што рече, биле значаен извор на информации за утврдување на неправилностите и за насочување на законските измени.
– Јас ги охрабрувам и понатаму да пријавуваат. Сите овие изречени прекршоци, опомени итн., се резултат на пријави на граѓани. Ние на дневна основа добиваме пријави и постапуваме по нив. И сето тоа на некој начин ни даде насока како да се подобри законот, рече министерката.
Осврнувајќи се на финансиските друштва на кои им беа одземени дозволите за работа, таа појасни дека одземањето на дозволата не значи и нивно автоматско затворање. Постапката за нивно целосно згаснување се спроведува согласно законските рокови и процедури, односно преку стечај или ликвидација.
Објасни дека овие друштва имаат склучено кредитни договори со определена рочност, поради што е потребно време за регулирање на нивните побарувања и завршување на процесот.
– По законот си има постапка, во колкав рок тие треба да се подготват за одење во стечај или ликвидација. Не е тоа дека со одземањето на дозволата, значи дека понатаму не смеат да кредитираат, меѓутоа до нивно комплетно затворање има процес, истакна Димитриеска Кочоска.
Министерката посочи дека новото законско решение е подготвено по анализата на пријавите и искуствата од надзорот, нагласувајќи дека за квалитетни законски измени се потребни информации и од субјектите кои работат врз основа на законот.




















