Четири случаи на семејно насилство се регистрирани во изминатото деноноќие на подрачјето на Велес и Неготино, информираат од Секторот за внатрешни работи Велес. Во три од случаите има физички напади, додека во еден се пријавени закани. Приведени се пет лица.
На 28 ноември, во 22:30 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 20-годишниот И.Д. од Велес, по пријава дека ѝ се заканувал на неговата 41-годишна мајка. Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес.
Истиот ден, во 9:50 часот, бил приведен и 69-годишниот Ј.Т. од Велес, по пријава дека во семејниот дом физички го нападнал својот 44-годишен син, употребувајќи дрвени предмети. Полицијата ги пронашла и одзела предметите, а при проверката било утврдено дека напаѓачот бил под дејство на алкохол, со измерени 1,46 промили во крвта.
Случај на семејно насилство бил пријавен и во Неготинско. На 29 ноември, на полноќ, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода 42-годишниот Ќ.Ј. и неговата 70-годишна мајка З.Ј., двајцата од село во неготинско. Претходно, 35-годишна жена пријавила дека нејзиниот вонбрачен сопруг физички ја нападнал во домот, додека неговата мајка ѝ се заканувала.
Дополнително, на 28 ноември, во СВР Велес, 62-годишниот Р.Д. пријавил дека на 24 ноември К.З. физички ја нападнала неговата малолетна внука. За овој случај се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а полицијата презема мерки за целосно расчистување.
За првите три случаи приведените лица биле задржани во полициска станица, а по документирање на настаните ќе следуваат соодветни пријави.




















