Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) со остра и симболична порака реагираше на одлуката на Уставниот суд за укинување на Колективниот договор за вработените во културата.
Во објава на Фејсбук, од Синдикатот го изразија својот револт, алудирајќи на „погреб“ на работничките права, по одлуката со која се укинува членот 78-љ од Законот за култура и Колективниот договор во целина.
„Се гледаме на седумдневениот помен, благата пченица е од нас за вас. Вечнаја памјат, а ВАМ историјата нека ви суди и ќе ви пресуди! Овековечени во историјата како ЕГЗЕКУТОРИ“, порачаа од Синдикатот.
Одлуката на Уставниот суд предизвика незадоволство кај вработените во културата, кои вчера протестираа пред институцијата, изразувајќи го својот револт и загриженост за иднината на нивните работнички права.
Укинувањето на Колективниот договор ќе стапи во сила на 1 април 2027 година. До тогаш, надлежните институции и синдикатите треба да подготват нов колективен договор, а Собранието да ги донесе потребните законски измени.
Одлуката отвора неизвесност за вработените во културата, кои очекуваат новото решение да ги гарантира нивните права и да обезбеди соодветна заштита на работничкиот статус.




















