Одбојкарите на Борец го претрпеа вториот пораз во првенството, откако повторно загубија од актуелниот шампион УГД Штип, овојпат со максимални 3:0 во сетови (25:19, 25:15, 25:11). Натпреварот се одигра во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, бидејќи спортската сала „Гемиџии“ е во фаза на реновирање.
Дуелот меѓу ланските финалисти беше во целосна доминација на актуелниот шампион, кој со уште една убедлива победа ја продолжи победничката серија. Штипјани не им оставија многу простор на велешани, особено во вториот и третиот сет.
За Борец ова е втор пораз во досегашниот тек од првенството, а интересно е што двата се токму од истиот противник – УГД Штип.
По седум одиграни кола, велешани имаат и еден натпревар помалку, односно заостанатиот дуел против Струмица. Тој натпревар ќе биде можност Борец да се врати на победничкиот пат и да го подобри својот биланс на табелата.




















