Велешкиот кајакарски клуб Арка-Борец имаше одличен настап на Државното сениорско првенство во кајак спуст, кое денеска се одржа на Вардар во Велес, со освоени први места во повеќе дисциплини.
Во сениорската конкуренција, Александар Златаров беше најбрз во дисциплината кајак во спринт/класик, со време од 42,08 секунди. Веднаш зад него се пласираше неговиот клупски колега Благој Гугинов со 42,71, додека третото место му припадна на Љубомир Спасиќ со 43,47 секунди. Четврт беше Кристијан Лазаров, исто така од Арка-Борец.
Арка-Борец продолжи со одличните резултати и во дисциплината кану, каде Златаров повторно го освои првото место со време 59,14 секунди. Втор беше Гугинов со 1:00,69, а трет Енис Небиовски со 1:07,77.
Во екипниот кајак спринт, првото место го освои екипата Арка-Борец 1, во состав Спасиќ, Гугинов и Лазаров, со време 50,84 секунди. Вториот тим на велешкиот клуб, составен од Бондџов и Небиовски, заврши на второто место.
Успесите продолжија и во класичната трка. Првите шест места ги освоија кајакари на Арка-Борец, а најдобар беше Благој Гугинов со време 12:23,79. Втор заврши Љубомир Спасиќ, додека трет беше Александар Златаров. Следуваа Андреј Апостолов, Ангел Бондџов и Кристијан Лазаров.
Во екипната класична трка, Арка-Борец 1, во состав Спасиќ, Гугинов и Лазаров, повторно беше најдобар со време 12:44,13, пред двата тима на скопскиот Илиден ’90. Вториот тим на Арка-Борец заврши на четвртото место.
Успешен ден за Арка-Борец имаше и на Државното пионерско првенство во кајак спуст – спринт, исто така на Вардар во Велес. Во женска конкуренција, Михаела Гугинова го освои првото место со најдобро време од 1:07,58 минути, додека Софија Спасиќ беше трета.
Кај пионерите, првото место го освои Димитар Драскачев од Арка-Борец со време 51,32 секунди. Втор беше Доне Ѓорѓиевски, а трет Петар Делов, сите од велешкиот клуб.
Арка-Борец имаше свои претставници и на следните места, па така Јованче Андов заврши седми, Никола Стојков осми, а Емир Мехмед Мендерес десетти.
Во екипната пионерска конкуренција, Арка-Борец 1 беше убедливо прв со време 1:02,93, со предност од 18,45 секунди пред второпласираниот тим на Илиден ’90. Вториот тим на Арка-Борец заврши трет.
И во екипниот пласма велешкиот клуб го освои првото место пред екипата на Илинден 90 од Скопје и Вила Зора од Велес.
Резултатите од денешните првенства уште еднаш покажаа дека велешкиот кајак има сериозна база и кај сениорите и кај најмладите категории, а Арка-Борец беше еден од клубовите кои оставија најсилен впечаток на домашната патека на Вардар.





















