Борец 1919 со јасна цел, стабилизација и напад на Втора лига

Борец 1919 АД полека го комплетира тимот и подготовките за новата сезона, во која велешкиот клуб влегува со јасно поставени цели, опстанок, создавање стабилен и конкурентен тим, но и напад на Втората лига.

Zito baner

Подготовките започнаа нешто подоцна од планираното, пред сè поради неизвесноста околу продажбата на клубот. И покрај проблемите и неизвесноста во изминатиот период, тоа не го промени концептот за создавање силен и конкурентен Борец.

Agria

На клупата останува Кирил Ивановски, кој и во новата сезона ќе го предводи тимот. Продолжена е соработката со поголемиот дел од фудбалерите кои минатата сезона ги бранеа боите на Борец, како Стојан Петковски, Давид Димитриевски, Милан Чичевски, Александар Костов и други, а составот е засилен и со неколку повратници.

Во Велес се враќаат Пеце Стојанов, Џемал Ибрахимовиќ и Кристијан Јордановски, додека Талаков се враќа од Македонија Ѓорче Петров. Ново име во составот е и младиот Марио Наумовски, велешанец кој доаѓа од Шведска. Целта е да се задржи костурот од минатата сезона, но со дополнителни засилувања да се создаде тим кој ќе може рамноправно да се надигрува со најдобрите во лигата и да се обиде да се вмеша во борбата за пласман во Втората лига.

Покрај првиот тим, Борец продолжува да посветува внимание и на младинските категории. Кадетите и пионерите веќе се натпреваруваат во своите лиги, а младинскиот погон ќе биде дополнително активен и со најмладите категории. На 20 септември ќе започне натпреварувањето и за петлињата, со што Борец ќе има свои претставници во повеќе возрасни категории и во новата натпреварувачка сезона.

Во периодот на неизвесност околу иднината на акционерското друштво, клубот го раководи Драган Јорданов, како претседател на Управниот одбор за спас на Борец. Во работата му помагаат Кирил Ивановски, Милан Чичевски и Дејан Стефановски. Ова раководство ќе продолжи да функционира до евентуалното финализирање на продажбата на акционерското друштво. Процесот за потенцијалното купување, според информациите од клубот, е во поодмината фаза.

Финансиската конструкција за функционирањето на клубот е поставена со значајна поддршка од Општина Велес и од компаниите и поединците кои застанаа зад клубот. Генерални партнери на Борец 1919 АД се Општина Велес и Минерали-Метали, Слот Клуб 777 е голем партнер на клубот, додека поддршка обезбедуваат Атлантис Груп, Пан Такси, Пододекор и Лутекс. Меѓу помагателите се Јади Бургер, Пиљара Кај Боге и Ина Ина, ПЗУ Богатинов и ПЗУ Цветко Арсов, како и фудбалските ветерани на Борец, Панче Ќумбев и Баже Петров.

Од Борец упатуваат и голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Општинскиот фудбалски сојуз Велес (ОФС Велес) за помошта и поддршката во овие тешки моменти за клубот.

Иако подготовките започнаа подоцна од планираното, во Борец веруваат дека тоа нема да биде пречка за тимот да биде подготвен за стартот на сезоната. Првиот натпревар е на распоредот веќе во недела кога на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес ќе гостува екипата на Млекар. Натпреварот започнува во 13 часот.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: