Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз ги започна настапите на Европското првенство. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски загубија со 3:0 во сетови (25:17, 25:19, 25:18) од Бугарија, која ја оправда фаворитската улога како светски вицешампион.
Македонските одбојкари во сите три сета покажаа борбеност и добра игра, но Бугарија во клучните моменти беше поконцентрирана и успеа да стигне до убедлива победа.
По натпреварот, своето видување го сподели велешанецот Филип Јованов, кој ја извршуваше улогата на либеро во македонскиот состав. Тој смета дека репрезентацијата го исполнила она што го најавила пред натпреварот – борбен настап и достојно претставување.

„Мислам дека исполнивме тоа што го кажавме. Се боревме и достојно се покажавме. Сепак, Бугарија е вицешампион на светот. Одлично искуство, салата беше полна до последното место. Горд сум и на себе и на момците“, изјави Јованов.
За Македонија ова е уште едно големо искуство на европската сцена, а вниманието сега се насочува кон следните натпревари на шампионатот.





















