Индустриското производство во мај годинава е намалено за 2 проценти во споредба со истиот месец лани, а пад од 0,3 проценти е забележан и во првите пет месеци од годинава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Најголем удар има преработувачката индустрија, каде производството е намалено за 2,6 проценти, додека пад од 3,6 проценти е евидентиран и во рударството и вадењето камен. Раст има единствено во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде производството е зголемено за 6,1 процент.
На падот најмногу влијаеле намаленото производство на електрична опрема, машини и уреди, како и моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, најголем пад има кај нетрајните производи за широка потрошувачка, кои се намалени за 8,4 проценти, додека раст е забележан кај енергијата и интермедијарните производи.

























